Стоечки овации за „17“ на Косара Митиќ во Сараево
Дебитантскиот долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ – „17“ за вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановцe и замина на апсолвентска екскурзија во странство, доби синоќа, стоечки овации на 32. Сараево филм фестивал кој овие денови е центар на филмската уметност во регионот.

„Ова е специјална година за македонската кинематографија. Еден од првите филмови што ги избравме во програмата за компетиција е „17“. Тоа е еден од ретките филмови од регионот што беа во натпреварувачка програма на Берлинале. Дебитантски игран филм на режисерка која ја следиме од програмата CineLink низ годиниве. Овој проект беше исто така развиен на таа програма – истакна претходно Елма Татарагиќ, селекторка на играната натпреварувачка програма на фестивалот.
Актерка Ева Костиќ која заслужено ги добија најсилните овации од публиката ја толкува улогата на Сара, за која е и номинирана за наградата за најдобра актерка „Срце на Сараево“,

Премиерата во Сараево е продолжение на успешната фестивалска турнеја на „17“. По светската премиера на Берлинале, каде што „17“ стана првиот македонски дебитантски игран филм во изминатите 26 години селектиран во официјална конкуренција, филмот беше дел од официјалните програми на фестивали во Хонг Конг, Уругвај, Италија, Полска, Словачка, и Шпанија и Израел, каде што неодамна ја освои и престижната GWFF награда за најдобар дебитантски филм на Ерусалимскиот филмски фестивал.
Продуцентот Томи Салковски истакна дека филмот досега бил прикажан на седум фестивали, каде што освоил пет награди, додека премиерата во Македонија допрва следува.
– Вистинскиот живот на филмот започнува сега, по Сараево – нагласи Салковски.
