СДСМ поднесе кривична против полициски службеници и Манасиевски за откривање службени тајни во врска со нападот на активистите во Ново Село.
„Поминаа 9 дена од нападот на младите активисти во Ново Село, а досега никој не е повикан на распит, нема истрага, нема ништо. Власта ги штити насилниците, молчи Јавното обвинителство, молчи МВР.Прво ги нападнаа физички младите активисти после и јавно, со лаги и конструкции. Мислеа дека ќе ги замолчат.
ВМРО-ОКГ на прес-конференција објави доверливи податоци од документи од Полициската станица Струмица. Докуметни и податоци до кои немаат право на пристап и кои се водени како службена тајна, а тоа е ново кривично дело. Мислеа дека ќе се спасат? Се излажаа. СДСМ денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до обвинителството за гонење организиран криминал.
1.Против полициски службеници во СВР Струмица за повеќе дела:
-Злоупотреба на службената положба и овластување, со пристап кон казнената евиденција и извлекување на доверливи документи кои биле дадени и завршиле во ВМРО.
-Оддавање службена тајна (Член 360 од КЗ), затоа што податоците од казнената евиденција претставуваат класифицирана информација и службена тајна, а завршиле во ВМРО.
-Злоупотреба на лични податоци (член 149), затоа што овозможиле податоци од посебна категорија (казнена евиденција) да бидат искористени за партиски цели на ВМРО-ОКГ, сосема различна од онаа за која се прибрани.
2.Понатаму, кривична пријава против Валентин Манасиевски од ВМРО-ОКГ за:
-Злоупотреба на лични податоци. Бидејќи без никаков законски основ, јавно презентираше и соопшти податоци од казнената евиденција преку средства за јавно информирање.
-Поттикнување (член 23 од КЗ) поради основано сомнение дека самостојно или преку посредници, со умисла ги поттикнал првопријавените да ги извршат кривичните дела злоупотреба на службената положба и оддавање службена тајна. Тоа го сторил со цел да му ги обезбедат предметните доверливи податоци за потребите на неговиот јавен настап.
Сега Јавното обвинителство е на потег. За прекршување на законите мора да има одговроност!
Криминалната ВМРО погреши што дигна рака на младите и прати насилници да ги тепаат.
Погрешија што направија уште едно кривично дело со злоупотреба на доверливи документи и податоци, порачуваат од СДСМ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, реагираше по поднесената кривична пријава против него од страна на СДСМ, оценувајќи дека опозициската партија со овој чин не ги демантира фактите што тој ги објави за настаните во Ново Село, туку ги потврдува.Преку објава на својот профил на Фејсбук, Манасиевски истакна дека наместо одговор на прашањата кои се луѓето што СДСМ ги претстави како свои „млади активисти“, партијата решила да се занимава со тоа од каде тој ги добил информациите.
„СДС денеска поднесе кривична пријава против мене, но во целата нивна реакција има една многу важна работа. СДС не ги негира информациите што ги објавив, што значи дека ги потврдуваат. Не негираат дека лицата кои ги претставуваа како ‘млади активисти’ се осудени насилници и трговци со дрога и не ги демантираат фактите за нивното криминално минато“, напиша Манасиевски.