Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Груевски, ВМРО-ДПМНЕ си ја врати ,,Белата палата”
Сите судски трошоци за случајот ,,Талир 2″ ќе треба да ги плати државата. Од државниот буџет ќе се платат и адвокатите на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ
Апелацискиот суд во Скопје ја потврди ослободителната пресуда за екс-премиерот Никола Груевски кој беше обвинет во случајот ,,Талир 2″, што наедно значи дека ВМРО-ДПМНЕ си ја враќа белата палата и другиот имот што беа замрзнати со години.
„Апелацискиот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-711/26, во јавноста познат како ‘Талир’, по одржана нејавна седница на 26.8.2026 година, разгледување на списите на предметот, а имајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.
При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати“, информираат од Апелација.
Сите судски трошоци, за седум години судење, за случајот ,,Талир 2″ ќе треба да ги плати државата. Ова значи дека од државниот буџет ќе се платат и адвокатите на Груевски и на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година го купи државното земјиште во срцето на Центар (Мал ринг) за 110 евра квадратен метар. Потоа во 2012-2013 година склучи договор за соинвеститорство со „Бетон“ за изградба на хотел и седиште на партијата.
Во меѓувреме, неколкупати се менува ДУП-от, па површината на објектот е енормно зголемена и предвидена е 100 отсто изграденост на земјиштето. Со првичниот проект, на ВМРО-ДПМНЕ требало да ѝ припаднат 43 процентни од изградената површина. Но, кога во 2013 го потпишале договорот со „Бетон“ – наместо 43 проценти, ВМРО-ДПМНЕ доби околу 37 отсто од целиот објект.
Партијата и „Бетон“ се договараат разликата меѓу тие 43 и 37 проценти, градежната компанија да ги надомести со пари, односно над 2 милиони евра од компанијата легнувале на партиската сметка на рати. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ купува недвижнини низ цела Македонија.
По четири години од тогаш, Кривичниот суд утврди дека седиштето на партијата е изградено со коруптивен договор меѓу партијата и градежната компанија, исклучиво со пари од фирмата, без партијата да вложи денар.
Оваа пресуда беше донесена во 2022 година од судијката Даниела Алексовска-Стојановска.
По изрекувањето на пресудата јавноста тоа го дочека како победа на правдата. Покрај конфискацијата на седиштетот на партијата, Груевски беше осуден на шест години затвор. „Со самата судска разрешница на овој предмет, Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците што ги предизвикал со прекршување на законот, изјави во судницата“, Алексовска-Стојановска.
Со пресудата на Апелацискиот суд овие зборови на судијката на крајот од судењето сега изгледаат како неважни.