СДСМ го демантира Муцунски за „радарот“: Кажува, па се заканува со апсење
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа СДСМ да ја објави снимката од изјавата за која тврдат дека - не постои
СДСМ реагира на последното интервјку на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во кое негираше дека кога и да е рекол дека има разговори „под радарот“ за преговорите на Македонија со ЕУ, по што се соочи со многу барања да каже што преговара, со тврдења дека го прифатил францускиот предлог и со обвинувања дека дипломатијата се води нетрансапарентно.
-Тимчо Муцунски денеска тврди: „Тајни разговори или ‘разговори под радарот’ нема. Никогаш не сум кажал такво нешто и тоа лесно може да се провери.“
Лесно се проверува. На 3 август 2026 година, повеќе медиуми објавија негови изјави:
• „Има разговори „под радарот“ за деблокада на ЕУ-интеграциите“
• „Се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат“
• „Се водат разговори „под радарот“ -за деблокирање на Македонија“.
Три наслови. Три медиуми. Иста изјава. Денес вели дека никогаш не го кажал.Во исто време, Муцунски се заканува со апсење на опозицијата за „ширење паника“, посочува СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека СДСМ денес повторно се обидува да произведе изјава што министерот Муцунски никогаш не ја дал.
„СДСМ тврди дека Муцунски рекол дека разговорите се водат ‘под радарот’. Има само еден мал проблем: таква изјава нема“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа, наместо уште едно долго соопштение, имаме едноставен предизвик за СДСМ: Објавете ја снимката. Не медиумски наслов. Не партиска интерпретација. Не туѓо прераскажување. Снимката. Ако не можете да ја најдете, причината е прилично едноставна: не можете да најдете нешто што никогаш не постоела“, вели ВМРО-ДПМНЕ
Партијата очекува Венко Филипче да објасни како СДСМ успеал од туѓи наслови да произведе туѓи зборови и потоа да ги претстави како факт.
„Во демократијата имаме право на сопствено мислење. Немаме право на сопствени факти. А кога една опозиција ќе почне да измислува цитати затоа што нема аргументи, проблемот одамна веќе не е ‘под радарот’. Сите го гледаат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.