Македонски триумф на Сараево филм фестивал
Голем успех за македонската кинематографија на 32. издание на Сараево филм фестивал кој синоќа ја спушти завесата – пет награди за два македонски филма.
Филмот „17“ во режија на Косара Митиќ освои дури четири награди:
Специјална награда за промовирање на родова еднаквост
Срце на Сараево за најдобра актерка – Ева Костиќ
Cineuropa Prize
UniCredit награда од публика
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума ја освои:
Special Youth Perspectives Award
Овие пет признанија уште еднаш го потврдуваат квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, како и значењето на континуираната поддршка на Агенцијата за филм за развојот и меѓународната видливост на македонскиот филм, соопшти Агенцијата за филм на С Македонија.

Косара Митиќ

Ева Костиќ и жирито предводено од Емили Вотсон
Ева Костиќ од „17“ , беше наградена со „Срце на Сараево“ за најдобра актерка во главна улога, за одличната изведба на улогата на Сара – нејзина прва улога на филм.
– Бестрашното стапување на сцената на еден млад актерски талент. Сирова, висцерална и длабоко инстинктивна изведба. Улогата ја исполнува со исклучителна емоционална вистинитост, најавувајќи го доаѓањето на актерка со редок и моќен глас – стои во образложението на наградата, која изнесува 2.500 евра.
Костиќ ја игра 17-годишната Сара, тинејџерка која станува сведок на сексуално насилство врз своја соученичка. Филмот го истражува начинот на кој една млада девојка се справува со траумата, вината, молкот и последиците од насилството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума доби Специјална награда на перспективите на младите.
„Специјалната награда „Перспектива на младите“ му припаѓа на филм со трогателна приказна за заедништвото, семејството и надежта што произлегува од чувството на припадност. Филмот нуди автентичен приказ на младоста и способноста на поединците во маргинализираните заедници да дејствуваат и да ги носат сопствените одлуки, соочени со традицијата и општествените очекувања. Пркосејќи им на стереотипите преку топла, меѓугенерациска приказна, ова е филм кој останува со вас долго по гледањето. Специјалната награда „Перспектива на младите“ му припаѓа на филмот „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈКИ“.
Филмот ја следи приказната за младите сестри Адела и Зара, нивниот свет на скејтбордингот и борбата за слобода во средина во која традиционалните општествени норми силно го определуваат животот на девојките.
Преку приказната на сестрите, Дума отвора теми за слободата, сиромаштијата, родовите улоги и притисокот што младите жени го чувствуваат во патријархалното општество.


Наградите ги додели жирито во состав: Емили Вотсон, претседателка (актерка, Обединетото Кралство), Игор Безиновиќ (режисер, Хрватска), Сара Климоска (актерка, Македонија) Матхејс Ваутер Кнол (директор на Европската филмска академија, Холандија) и Атина Рејчел Цангару (режисерка, сценаристка и продуцентка, Грција).

