Македонија денес ја одбележува погибијата на Гоце Делчев
Сега немаше драми како во февруари, споменот на македонскиот великан е обележан како што прилега - мирно и со огромна почит
04/05/2023 15:49
Фото. Б. Грданоски
Релаксирано, без драми, притисоци и политички уцени од Софија Македонија денес ја одбележа 120-годишнината од загинувањето на еден од нејзините најголеми револуционери, Гоце Делчев. Во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а и околу неа, беше мирно, највисоките политички претставници положуваа цвеќе пред камениот саркофаг каде се наоѓаат моштите на Делчев. Денешната атмосфера не наликуваше на ништо со драмата што се случуваше во февруари по повод годишнината од неговото раѓање.
Цвеќе положија претседателот Стево Пендаровски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, министрите Оливер Спасовски и Каја Шукова, претставници на политички партии, здруженија, граѓани.
Со пригодна богослужба за помен на мртвите чиночествуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.
Пендоровски вели дека „македонскиот револуционер Гоце Делчев е визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности“.
Фото: Б. Грданоски
Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на Обединетите нации во Њујорк, на својот Фејсбук профил напиша дека „денешниот датум, 4 мај, останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството. Поука на која нѐ потсетува нашиот визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев. Идеалите на Делчев се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност. Тие се и наш патоказ, како прогресивна влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ“.
Преку Фејсбук се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. „Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело… Која било сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Неговото дело е посилно од секој удар, од секоја поделба. Идеалите на Делчев се живи, и тој столетен оган за слобода, независност и држава продолжува да пламти“, напиша тој.
Фото: Б. Грданоски
Гоце Делчев е врежан длабоко во македонскиот код, не само како еден од водачите на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО), туку тој е синонимот за борба за слобода и постојаност.
Роден е на 4 февруари 1872 година во Кукуш, денес во Грција, во семејството на Никола и Султана Делчеви. Завршил во машката гимназија на бугарската егзархија „Свети Кирил и Методиј“ во Солун во 1891 година, а потоа се запишал во Военото училиште во Софија.
Во 1894 година, поради неговите социјалистички ставови, бил исклучен од него. Истата година започнува да работи како учител во Штип, каде што учител е и Дамјан Груев. Двајцата заедно создадоа револуционерни комитети и собираа средства за вооружена борба.
На Солунскиот конгрес на ВМОРО во 1896 година учествувал во изготвувањето на организациските принципи и уставот на организацијата.
Во есента 1896 година бил главен учител во Банско. Кон крајот на 1896 година Гоце Делчев заедно со Ѓорче Петров бил назначен за задграничен претставник на ВМОРО во Софија. Иако млад Делчев веќе имале легендарен статус кај македонското население.
Мнозинството во организацијата и самиот Гоце Делчев не се согласува со одлуката донесена на Солунскиот конгрес во јануари 1903 година да се крене востание во пролетта истата година. Главен заговорник за кревање на востанието бил бугарскиот револуционер Иван Гарванов, тогашен претседател на централниот комитет на ВМОРО, како и Христо Татарчев и Христо Матов. Сите други видни членови на организацијата биле против и затоа не ни дошле на конгресот. Нивното образложение било дека нема собрано доволно оружје и дека недостига време за поголема организација. Делчев и Груев единствено успеале да го одложат востанието за летото.
Гоце Делчев бил со мала чета во Серско на почетокот на мај, кога во селото Баница бил предаден и опколен. Наместо да ја чека ноќта, Делчев решил да ги извлече четниците од селото за да ги спаси селаните од турските напади. При обидот да се пробие обрачот на 4 мај Гоце Делчев и петмина четници загинале. Тие биле погребани во заеднички гроб во селото Баница.
Кога во октомври 1946 моштите на Гоце Делчев беа пренесени од Софија во Скопје, бугарските весници пишуваа дека тој е македонски револуционер
За време на Првата светска војна, кога Бугарија окупирала територии во Егејска Македонија коските на Гоце Делчев биле пренесени во Бугарија од војводата Михаил Чаков. Тие прво биле однесени во Ксанти, потоа во Пловдив и на крајот во Софија. До 1946 година биле чувани во урна од Илинденската организација.
Во 1946 година, кога се развиваше културната автономија на Македонците во Пиринска Македонија, со одлука на бугарската влада моштите на Гоце Делчев беа пренесени од Софија во Скопје. Ковчегот со нив поминуваше низ пиринскиот дел пред да ја премине границата.
Бидејќи Бугарите го слават како нивен национален херој со децении не можат да се помират со одлуката на тогашното раководство на државата на чело со Георги Димитров Делчев конечно да биде погребан во Скопје, во црквата „Свети Спас“. (Н.В.)