Водата во Гостивар е безбедна за пиење
Последните добиени резултати потврдуваат дека водата е микробилошки и бактериолошки исправна
Водата во Гостивар конечно е безбедна за ппиење, соопштија денеска од Главниот штаб за управување со кризи.
Гостиварци по речиси еден месец конечно добија вода за пиење.
Последните добиени резултати потврдуваат дека водата е микробилошки и бактериолошки исправна. Со тоа се исполнети условите водата повторно да се користи за пиење, изјави попладнево директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
На граѓаните им се порачува пред да ја користат водата за пиење, таа добро да истече од чешмите.
Од денеска водата во Гостивар е безбедна за пиење – соопшти на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, шеф на Главниот штаб за управување со кризи.
Претходно за најновите информации поврзани со водата за пиење од гостиварскиот водовод седница одржа Главниот штаб за управување со кризи.
Домаќинско работење во иднина, а истрагата да ја провери вината со проблемите со водоснабдувањето во Гостивар, побара денеска Стојанче Ангелов во одговорот на новинарско прашање околу исходот и крајот на кризата со водоснабдувањето и епидемијата во Гостивар.
– Да, во овој момент завршува кризата во Гостивар. Но, се надевам на подомаќински работење во иднина, бидејќи факт е дека она што се случувало во водоводот е недозволиво. За тоа ќе се погрижат Јавното обвинителство и судот коишто ќе проверат дали има нечија вина – рече Ангелов.
Во однос на надминувањето на актуелните проблеми со намалениот притисок во водоводниот систем, првиот човек на локалниот штаб, Зуди Џелили посочи дека ЈП „Комуналец“, општинското раководство интензивно работат да ја зголемат количината на водата во населбите: Горна и Долна Бањица, Фазанерија и Циглана. Една од мерките кои ќе се спроведуваат во наредниов период и зголемување на бројот испитувања на водата. Па така наместо две контроли неделно, ќе се прават по три анализи на водата од водоводот
– За населените места каде има недостиг на вода и се интервенира. Се работи и на резервоарот во Горна Бањица кој за кратко ќе биде во употреба. На тој начин, количински со вода ќе се обезбедат четири населби каде има низок притисок на вода или па имале недостиг на вода. На овој план ќе се работи и во иднина и во поглед на количеството и квалитетот, рече Џелили.
По давањето на изјавите, на предлог на Стојанче Ангелов, директор на ДЗС, членовите на кризниот штаб излезе пред згардата на општината и од јавна чешма се напија вода.
Забраната беше издадена на 17 јули поради загаденост на водата со фекалии и превисока концентрација на хлор. Заразени се над 5.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Од 27 јули водата во Општина Гостивар можеше да се користи како техничка вода, односно може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството.