ДУИ ја почна „зелената кампања“ од Гостивар
ДУИ ја почна кампањата за локалните избори во Гостивар, каде ги претстави кандидатите за градоначалници. „Со овој тим засилен со стручни луѓе од нивните области, за кој ќе гласаме на 17 октомври отвораме нова страница и со нив започнува третата декада со победи“, изјави лидерот на партијата Али Ахмети.
На предизборниот собир, одржан пред паркингот на центарот за Култура во Гостивар под мотото „Одбери живот, гласај зелено“, на кој присуствуваше целото потесно раководство на партијата и членството од околните општини, беа промовирани и видеоспотовите за овие избори.
„Работиме посветено за да ја направиме земјата подобра од вчера. Да имаме почиста животна средина, поздрав живот. Сѐ што се нуди е изработено од експерти“, нагласи Ахмети.
Пред писутните се обрати и претседателот на Собранието Талат Џафери. „На овие избори ќе се занимаваме со самите себе, а не со противниците. Тоа пренесете им го и на останатите. Со противниците ќе се занимаваат граѓаните, кои знаат да проценат праведно“, рече Џафери.