Трагичната судбина на „Партизан“


Стар кош опкружен со ѓубре, искршени врати и прозорци е последниот спомен на некогашната повеќенаменска сала „Наум Наумовски Борче“, или попозната како „Партизан“, што случајно го преживеал децениското руинирање на објектот. Во една од канцелариите сѐ уште стојат и признанија и благодарници од спортските клубови за придонесот на салата за нивните успеси.

Остатоците од зградата, која некогаш беше расадник на спортски таленти, денес се преполни со стакло и фекалии. Нема ниту една врата ниту прозорец, откорнат е паркетот од салите, украдени се душеците, искршени се плочките и санитариите, дел е и опожарен, а очигледно е дека е и засолниште за бездомници.

Жителите на Карпош 4 веќе подолго време апелираат дека ако наскоро не се преземе нешто објектот целосно ќе пропадне. Не само што е цела деценија неупотреблив, туку е и закана за безбедноста за околината бидејќи со години е незаштитен. Тие стравуваат дека објектот намерно се остава да пропадне пред да биде пренаменет во објект од друг тип.

„Сакаме ‘Партизан’ да им се врати на граѓаните во полно светло, младите повторно да добијат свое катче, каде што ќе можат да спортуваат и да се развиваат во здрави личности. На Карпош му недостигаат урбани вредности од ваков тип, а не згради и трговски центри“, вели Ленче Данаиловска од Граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“.

Во споменот на скопјани „Партизан“ стои како еден од најубавите и најопремените рекреативни центри во градот, во кој работеа клубови од речиси сите спортови. Неговата голгота започна пред повеќе од една деценија, а до денеска не можат да се размрсат конците кој стопанисува и кој треба да инвестира и да го одржува објектот.

Во 2014 година „Партизан“ со одлука на Владата се иззема од стопанисување од Јавното претпријатие за спортски објекти и е даден на стопанисување на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“. Во 2015 година одлуката престанала да важи, но не е дефинирана судбината на објектот, дали тој повторно е вратен во јавното претпријатие или не. Јавното претпријатие, во чии рамки освен „Партизан“ влегуваа и Олимпискиот базен, салите „Кале“, „Расадник“ и други низ целата земја, во 2016 година тоа е преобразено во друштво „Спорт 1“ ДОО Скопје, каде што содружници стануваат салата „Борис Трајковски“ со 70 отсто и Владата со 30 отсто.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски вели дека Владата ќе формира комисија која ќе треба да ја утврди сопственоста на сите спортски објекти низ земјава, а потоа ќе треба да одлучи кому да му ги додели на стопанисување. Некои, меѓу кои и „Партизан“, имаат и концесионери и нерешени меѓусебни односи.

„И да има концесионери, договорите можат да бидат раскинати доколку нема вложувања и грижа за објектите. ‘Партизан’ е само еден пример, низ земјава има спортски објекти што се користат за приватни бизниси“, вели Каевски.

Директорот на „Борис Трајковски“, Александар Петровски, вели дека очекува конечна одлука од Владата, кој ќе стопанисува со „Партизан“. Доколку им биде доделен ним, ќе направат план за инвестирање, за да може што побрзо да се врати во стариот сјај. И од Општината Карпош сметаат дека тие треба да бидат стопанисувачи со салата и тврдат дека објектот ќе ја задржи намената.

„Според Деталниот урбанистички план од 2016 година, намената на ‘Партизан’ останува спорт и рекреација. На објектот може да се надогради уште еден кат, но и тој мора да биде во истата функција“, посочуваат од Карпош.

Сања Наумовска