ВМРО-ДПМНЕ уште сега токми началници во полицијата
Пратениците се сигурни, на надворешниот притисок нè потпаѓаме, да видиме кој ќе влезе во техничката влада, па да одиме на избори и да победиме.
Вака отприлика се одвивал завчерашниот состанок на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој со нетрпение се очекуваше во јавноста бидејќи беше прв по неделното референдумско изјаснување. Наместо одговори за ситуацијата во која се наоѓа Македонија по неуспешниот референдум и можноста да се закочи членството во НАТО и преговорите со ЕУ, фокусот на состанокот бил ставен на предвремени избори и беше формиран изборен штаб, на кој е назначен Игор Јанушев, генералниот секретар на партијата.
Извори од комитетот брифираат дека на почетокот од состанокот се дискутирало за резултатите од референдумот, при што се согласиле дека поради тоа што немаше цензус, плебисцитот е неуспешен, а договорот со Грција бил политички мртов. Се зборувало дека имало масовно полнење на кутиите, особено во западните делови од земјата, каде што од 17 до 19 часот било забележливо масовен пораст на процентот на избирачи, некаде и многу повеќе отколку што гласале од 9 до 17 часот. Се заклучило дека најмалку 50.000 гласови се неважечки поради што се бара Собранието да формира анкетна комисија и да ги расчисти сомневањата. Имало незадоволство и од молкот на јавниот обвинител, кој не реагирал ни говорот на премиерот Зоран Заев за наводниот обид за поткуп.
Откако завршила дискусијата за регуларноста на референдумот, било посочено дека пратениците не смеат да подлегнат на притисоците, уцените и заканите од власта и никако да не гласаат за уставните измени. Па, било заклучено дека нема никаква опасност од тоа бидејќи по резултатите од референдумот никој не би се осмелил да тргне во спротивен правец.
„Забележливо е дека позицијата на лидерот Христијан Мицкоски нагло се зацврсти“, велат од партијата.
Во таа насока се споменуваат и изјавите на пратениците што излегоа на гласање во неделата, а сега се колнат дека нема да гласаат за уставни измени. Меѓу нив се посочува координаторот на пратеничката група Драган Данев и претседателката на Унијата на жени Даниела Рангелова. Инаку, Данев бил присутен на состанокот, а Рангелова го оправдала своето отсуство. Своето отсуство го оправдал и потпретседателот Митко Јанчев, кој отворено рече дека ќе гласа против договорот со Грција, но ќе излезе на референдумот.
„И кога конечно беше утврдено дека пратениците се сигурни и нема да гласаат за уставните измени, преминавме на точката избори. Беше изразено силно уверување дека ќе победиме“, тврдат нашите соговорници.
Се отворило прашањето кога ќе има избори. Се договориле дека ќе инсистираат на 100 дена техничка влада пред да има избори, но јасно им било оти владата ниту има ниту планира да потроши толку време поради роковите што ја газат спогодбата со Грција. Од тие причини, „здраво за готово“ бил прифатен терминот 25 ноември. На ВМРО-ДПМНЕ, според договорот од Пржино, ќе им припаднат министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Главниот акцент бил ставен на тоа кои полициски началници ќе бидат именувани од новиот министер.
„Не зборувавме околу конкретни имиња за министри, туку за началници по градовите. Таму ни е фокусот, затоа што владата на Заев со сигурност ќе се обиде да ги намести изборите, така што исклучително важно е полицијата да си ја одработи професионално својата задача“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Интересно, ниту еден збор не бил потрошен на пораките од сестринските европски народни партии и посебно од ЦДУ на Ангела Меркел, кои бараат пратениците да гласаат за уставните измени. Од партијата неофицијално велат дека тие досега не потпаднале на силниот притисок пред референдумот и директните средби со европските и светски моќници и самоуверено велат дека тоа нема да се случи ни сега, откако било јасно дека граѓаните се против договорот со Грција.
На крајот, се преминало на кадровски смени. Генералниот секретар Јанушев предложил да биде разрешен неговиот заменик Петар Богојески, кој е дел од „реформаторското крило“. Речиси два часа траела расправата, иако освен Костадин Богданов, никој не ги бранел настапите на Богојески, кој агитираше за гласање на референдумот со цел Македонија да влезе во ЕУ и во НАТО. Напротив, членовите на комитетот еден по еден го напаѓале Богојески. При гласањето, сите биле за негова смена освен Богданов и претседателот Христијан Мицкоски, иако повеќе од јасно е дека другите членови не би направиле ништо без претходна поддршка од лидерот.
„Богојески е сменет поради непрофесионално вршење на должноста, несовесно извршување на задолженијата и повреда на партиските начела“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчераутро, Богојески искажа благодарност што е ослободен од одговорноста што ја носел на себе и ја пренесувал врз другите луѓе во иницијативата за реформи.
„Едноставно, непомирливи се нашите два концепта, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО-ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а притоа да се унапреди работењето на партијата на принципиелни основи.
ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде констатирано тоа и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас. Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за каков било компромис“, порача Богојески.
Горан Адамовски